Во периодот од 1 до 4 јуни 2023 година, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, Република Северна Македонија, се одржа Осмиот конгрес на Здружението на педијатри на Македонија со интернационално учество. Конгресот привлече повеќе од 400 доктори, вклучувајќи над 100 учесници од Европа, кои во текот на настанот одржаа предавања, споделија професионални искуства и понудија нови насоки во областа на педијатријата. Меѓу учесниците се вброија доктори од Атина, Загреб, Анкара, Љубљана, Софија, Белград, Тирана, Букурешт, Сараево, Приштина и други градови.
Настанот официјално беше отворен од Претседателката на Здружението на педијатри на Македонија, проф. д-р Аспазија Софијанова. Пред присутните се обратија и: Претседателот на Европската педијатриска академија, проф. д-р Адамос Панјотис; заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева, во име на министерот за здравство, прим. д-р Беса Поцеста; советничката за здравство на премиерот, проф. д-р Ана Данева Маркова; претседателката на Лекарската комора на Република Македонија, проф. д-р Калина Старделова; претставникот на Македонското лекарско друштво, д-р Сеад Зејнел; претседателот на Српското педијатриско здружение, проф. д-р Ѓорѓе Константинидис; и претседателот на Косовското педијатриско здружение, проф. д-р Рамуш Бејчи.
Првпат во рамките на конгресот, Здружението на педијатри на Македонија ги обедини и Десеттиот курс на Југоисточноевропската педијатриска работна група, како и PEDECC курсот за педијатриска интензивна нега. Една од главните активности беше практичната работилница, организирана под водство на проф. д-р Есра Шефкетоглу и поддржана од Европската педијатриска академија (EAP). На оваа работилница, младите доктори добија можност за обука и сертификат признат за работа во единици за педијатриска интензивна нега во Европа.
Конгресот опфати повеќе области од педијатријата, како што се кардиологија и ревматологија, нефрологија, неврологија со невролошки развојни нарушувања, имунологија, неонатологија со неонатална интензивна нега и грижа. Исто така, се одржаа сесии на експертски интердисциплинарни тимови и дискусии за ефектите од пандемијата на Ковид-19 врз детската популација.
Силната порака „Детето припаѓа на педијатарот, а педијатрите се грижат за децата кои се иднината“ го нагласи значењето на мисијата на докторите – да обезбедат здрав раст и развој на најмладите.







