Повеќе од двеста учесници, меѓу кои педесет истакнати професори и лекари од Македонија, како и од Турција, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово и Црна Гора, учествуваа на 7ми Конгрес на педијатрите со меѓународно учество. Настанот, организиран од Здружението на педијатрите на Македонија, се одржа од 25 до 28 јуни 2019 година во хотелот “Сириус” во Струмица.


Конгресот имаше за цел да поттикне размена на знаења и искуства меѓу стручниот кадар од Македонија и Европа во областа на педијатријата, со фокус на подобрување на секојдневните практики, третмани и протоколи. Програмата опфати стандардни теми од различни области на педијатријата и превентивната медицина, како и специјализирани теми, вклучувајќи пулмологија со алергологија, превентивна педијатрија, неврологија со развојна педијатрија, ретки болести, хематологија со педијатриска онкологија и неонатологија. Покрај стручните предавања, беше организиран и саем на кој излагачи беа 19 компании тесно поврзани со педијатријата.


На свеченото отворање, кое се одржа на 25 јуни, свое обраќање имаа претседателката на Здружението на педијатрите, проф. д-р Аспазија Софијанова, министерот за здравство, Венко Филипче, како и бројни претставници од педијатриски здруженија од регионот и Европа. Меѓу нив беа проф. д-р Емеритус Енвер Хасаноглу, претседател на Интернационалната педијатриска асоцијација (IPA), проф. д-р Рамуш Бејќи, претседател на Педијатриското здружение на Косово, проф. д-р Влада Вукомановиќ, директор на институтот “Мајка и дете” во Белград, и други истакнати гости од Бугарија, Хрватска, Словенија и Северна Македонија. Видео обраќање имаше и проф. д-р Небојша Кавариќ, претседател на Асоцијацијата за превентивна педијатрија на Црна Гора.


Проф. д-р Аспазија Софијанова, во своето инспиративно излагање, ја истакна важноста на професијата педијатар, нагласувајќи дека се работи за професија која бара посветеност, емпатија и огромна одговорност. Таа додаде: „Да се грижиш за новороденче, дете или адолесцент е задача што педијатарот ја прифаќa доброволно, чувствувајќи ја тежината на одговорноста и емотивниот товар кој го носат и пациентите и нивните семејства. Со голем ентузијазам ги прифаќaм сите конгреси, едукации и состаноци на кои можеме да го размениме своето знаење и искуства“.

Препорачани објави