Трета балканска школа-2022

После две успешно реализирани школи, во периодот од 26 до 28 октомври 2022 година, во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се одржа трета балканска школа на Здружението на педијатри на Македонија. Европската Педијатриска Асоцијација (EPA) во 2015 година ја избра Македонија, преку Македонското здружение на педијатри, да биде домаќин на Балканската школа за педијатрија, која се организира во интервал од две години.

 На настанот присуствуваа околу 300 медицински професионалци. Темите на школата беа фокусирани на: ретки болести, неонатологија, аутизам, неврологија, имунизација и пулмологија со алергологија. Големиот интерес од страна на медицинските работници од земјата и регионот ја потврдија нашата способност да бидеме добри домаќини. Школата претставуваше одлична можност за размена на искуства, нови знаења и усвојување на регионални алгоритми, како и за социјална комуникација

Тридневниот настан вклучуваше по две работни сесии дневно, како и комерцијални предавања од страна на спонзорите. Компании од фармацевтската индустрија, кои ја препознаа важноста на настанот, активно учествуваа.

Настанот, освен што ги зближи медицинските професионалци од регионот, создаде основа за идни иновации, подобрување на стручните практики и зајакнување на соработката во полето на педијатријата.

Првата Балканска школа за педијатрија-2018

Со свечена гала вечер во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, на 12 септември започна првата Балканска школа за педијатрија, организирана од Здружението на педијатри на Македонија. Настанот траеше три дена, завршувајќи на 15 септември, и собра над седумдесет истакнати професори и лекари од Македонија и повеќе балкански и европски земји, меѓу кои Австрија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Турција.

Во своето поздравно обраќање, претседателката на Здружението на педијатри, доц. д-р Аспазија Софијанова, истакна дека школата е насочена кон подигнување на квалитетот на медицинската нега и третманот на најмладите пациенти, со акцент на теми како грижата за предвреме родените бебиња, важноста на вакцинирањето, трансплантацијата, како и подобрувањето на дијагностиката и третманот на ретките болести.

На свеченото отворање, министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Лекарската комора д-р Калина Гривчева Старделова, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и премиерот на Македонија, Зоран Заев, заедно со својата сопруга Зорица Заева, ја потенцираа важноста на поддршката за педијатриската нега и унапредување на здравствените услуги за најмладите пациенти.

Еден од клучните моменти на настанот беше обраќањето на светски познатиот професор и хирург од Медицинскиот универзитет во Виена, Проф. д-р Валтер Клепетко, кој ја нагласи важноста на трансплантацијата и заедничката работа меѓу земјите од регионот. Како посебно изненадување на гала вечерта, присуствуваше и Ангела Блажевска, пациентка од Македонија на која проф. Клепетко ѝ изврши успешна трансплантација на бели дробови во Виена пред две години.

Школата, освен работните сесии, вклучуваше и саем со учество на фармацевтски компании, како и предавања наменети за медицински сестри и физиотерапевти. Македонски и странски експерти презентираа новини во различни области на педијатријата, вклучувајќи имунизација, кардиологија, пулмологија, неврологија, гастроентерологија, хематоонкологија и интензивна нега.

Настанот послужи како платформа за размена на знаења, идеи и искуства, со цел унапредување на практиките и креирање на унифицирани стандарди за третман на најмладите пациенти. Првата Балканска школа за педијатрија успешно го отвори патот за понатамошна регионална соработка и подигнување на квалитетот на здравствените услуги во полето на педијатријата.